Лејла и Марино Гогови - живи охридски љубовни легенди
Понеделник, 13 Февруари 2012 21:30
По повод денот на вљубените и виното Ohrid1.com го објавува текстот посветен на живите легенди на љубовта од Охрид - Лејла и Марино Гогови.
Лејла и Марино беа на страните на печатеното издание на Охрид Магазин во декември 2011 година.

НАШИТЕ ПРВИ СОСЕДИ : Лејла и Марино Гогови
ОХРИДСКИТЕ РОМЕО И ЈУЛИЈА
Лејла и Марино Гогови се и лица од нашата насловна страница.Кога им ја пренесов идејата дека сакам нивната љубовна приказна ексклузивно да ја раскажат за „Охрид Магазин “ Лејла рече: „нема проблем – разбирам што сакаш од нас. Ние имаме доволно и драма и комедии.“
Видните охридски семејства Џело и Гогови во својата дружба не ни сонуваа дека нивните деца ќе им приредат изненадување, кое ќе заврши со брак. А тие двајцата Лејла и Марино и денес имаат разбирање за предупредувањата од нивните родители и посебно им се благодарни што ги воспитале такви, какви што се. „Приказнава нас ни е нешто вообичаено и ја раскажуваме, така како што ја чувствуваме од срце“,велат тие.
Дома ги слават и Бајрам и Велигден. Во првиот дел раскажуваат за своето романтично време, вљубувањето, забранетата љубов и притисоците и бегството од Охрид.Но и за меѓусебното жарче љубов кое гори во нив.
Одговара ли насловот на Вашата љубовна приказна и има ли прична да гласи токму така ?
Лејла: Мислам дека има повеќе од доволно причина да биде така. И беше таква љубов, за разлика од вистинските Ромео и Јулија, нашата за сега е со добар крај.
Марино: Ромео и Јулија. Што знам, звучи некако модернистички,ама повеќе можеби би лежело нешто од ТВ сапуниците „Касандра “, „Шехерезад “ ... Но приказната постои во нашиот живот и насловот е оправдан.
Ако некој ви понуди добра пара. Би ја продале ли приказната за некое филмско или телевизиско сценарио, како турските кои не преплавија? А турска крв тече во вените на Лејла.
Лејла: Значи ќе можам улогата оригинално да ја одиграм ( се смее ). Па, да приказната е интересна и доколку има таква понуда би рекле „Да“ – зошто да не. Сепак секој човек си има своја приказна. Нашата за нас е навистина интересна, дури размислував ако ништо друго, дека треба да се седне и да се напише, така за себе.
Ја знаат ли вашите деца ?
Марино: Ние со нашите деца сме отворени,таков ни е пристапот кон животот и за нивна едукација и нашата животна прикаска е еден сегмент од тоа. И вака отворено разговараме не само со нашите деца или нашето друштво, туку и со луѓе со кои првпат седнуваме на маса и на кои концепцијата меѓу мене и Лејла им е интересна. Почнуваме да раскажуваме , таа приказна е доста долга,ама се трудиме да ја раскажеме во што покуси црти. Имаме материјал, ако некој професионалец го прочита ова,нема проблем би направил долга и возбудлива сапуница.
Се знаете од деца. Семејно се познавате. Како почна љубовта?
Лејла: Треба да се потрудам да изгледа кусо. Не знам ни сама дали постои во мене таква верзија. Се знаеме цел живот. Го доживував како куќен пријател. Додека не се случи љубовта ни на сон не помислував дека може да се случи такво нешто. Марино беше и е повозрасен од мене. Тие осум години си го правеа своето.Тој не беше мое друштво. Но, веројатно пораснав и во еден момент, таа 1994 се сретнавме во „Мецофорте “ ....
Марино: Лејла јас знаев од претходно. Нашите семејства Гогови и Џело беа блиски. Таа сепак во мојот живот влезе преку дружењето во кафетеријата „ Мецофорте“. Лејла и неколку нејзини другарки влегоа во нашето друштво. „Мецофорте“ тоа време беше актуелно место. Искрено да кажам имав обврска кон нејзините татко и мајка да внимавам на неа. Задачата ( иронијата ) беше токму таква да го следам нивното помало девојче како човек од доверба. На почетокот и беше токму така. Бевме другари, пријатели и не ни помислувавме на нешто вакво. Во еден период таа ми даваше и добри совети за мојот однос кон девојките. Очиглено неосетно се зближивме. Дојде моментот на еволуцијата и стигна ерупцијата која не доведе да се гледаме и размислуваме од еден друг – вљубен аспект. Емоционалниот дел изби на површина и се случи тоа што мислам и дека требаше да се случи. Се најдовме како карактери, како луѓе. Таа е спротивна од мене. Плус и минус. Јас сум темпераментен и брз , таа е похаризматична, посмирена во тој поглед и тоа не воведе во еден баланс со кој тераме до денеска.
Марино фраер со поминати Скопје и Белград и љубови за кои уште се раскажува . А таа беше девојката која ја препознаваа од „Уно форте радио“ ги освојуваше слушатели со гласот . Лично знам и тоа е една големина на Лејла што со една од неговите некогашни девојки пред неколку години разговараше и се договори за кафе муабет...
Лејла: Да, „Уно форте“ играше голема улога во тоа наше зближување. Марино знаеше да се јави наутро, веднаш по најавата со соема едноставен муабет само за да ме слушне. Долго време траеше таа симпатија која не се осмелував ниту јас да си ја признаам, а веројатно ниту тој. Не знам од старт мислев освен пријателство дека до друго не ќе може да дојде.
А за второто прашање. Точна е вашата констатација. Во тоа наше пријателство,во разговорите имаше место и за девојките, а преку тоа заклучувавме дека имаме многу сличности меѓу нас. Со многу негови поранешени и тогашни девојки сум пиела кафе. Со сета моја почит кон сите нив. Јасно е дека тие се дел од неговиот живот. Тие другарства и дружења со некогашните девојки на маж ми останаа и денеска, ги почитувам и со сите можам да пијам кафе и да разговарам ... Нашиот живот не почна од Лејла и Марино.
ГИ НЕМА, КАДЕ ПОБЕГНАА...

Нивната „тајна љубов “ беше тајна само за нивните најблиски. Луѓето од чаршијата, особено нивните генерации знаеа, а други насетуваа. Во еден миг ги снема, охридската чаршија позната по шепотењата почна да плете приказни. „Кај што има чад има и оган“, вели поговорката.
Марино: Имавме забранета љубов. Колку и да сме современи истовремено сме и традиционалисти и гледаме според она родителското.Сегментот – религијата влијае врз нашите определби за избор на брачен партнер. И ако јас лично, а сум сигурен и за Лејла никогаш факторот религија не влијаел врз емоционалниот дел и меѓусебната поврзаност. Можеби врз база на тоа воспитување некој не терал да мислиме дека можеме да бидеме само пријатели и повеќе ништоод тоа. Некоја бариера, која ние не ја зедовме здраво за готово. Кога љубовта не спои и ние почнавме да се среќаваме и покрај забраната. Почнавме да измислуваме своја шема преку која ќе можеме да се видиме насамо. Сфативме дека факторот религија не влијае врз нас. Тоа и денеска е така. Кај нас можете да дојдете и на Велигден и на Бајрам.
Кои беа Вашите љубовни гнезда?
Марино: Тоа беа сите споредни патишта од Охрид кон Свети Наум и од Охрид кон Струга.Тогаш живеев во посебен стан од моите родители и таму ни беше засолништето. Ама брзо не открија и моравме да бараме алтернативи како и сите млади луѓе кои и денеска прават така.
Лејла колку време ја криеше љубовта од твоите родители?
Лејла: Нели, Марино доби задача да ме чува. Моите родители во тоа време беа во Истанбул, па така бев слободна ( ха, ха, ха ). Не, тоа наше спојување, запознавање,препознавање и откривање дека навистина можеме да бидеме блиски започна во јуни 1994 година. Почнав да работам во „Уно форте“ и тоа лето беше посебно возбудливо и забавно.Цела 1994 се дружевме пријателски, следната 1995 сфативме дека се случува нешто повеќе од тоа пријателство. Веројатно на мажите им е потешко да го признаат тоа. Но Марино е романтичен и во една пригода ми направи убава вечера, шпагети, вино и излезе и рече одам нешто да земам и ќе се вратам . На маста остави нешто завиткано како подарок кое што требаше сама да го отворам. И се шокирав. Едно прстенче и лист во ролна на кој беше напишана некоја љубовна песна со посвета. Ги чувам и денеска некаде. Ај песната,ај содржината, ама прстенот тоа ме возбуди. А прстенот значи некое врзување. Тој се врати, му заблагодарив. И си рековме дека навистина се сакаме. И тогаш му кажав дека единствената пречка меѓу нас се религијата и традицијата и дека со тоа ќе ги повредиме луѓето околу нас, нашите родители и дека ќе биде големата. Заклучивме дека сме и обајцата на иста фреквенција. Би сакала, како поука за некои сегашни млади кои се можеби во некоја слична љубов да кажам дека важно е да се со иста мисла. Треба да се сложат околу тоа во што и како веруваат. Ние немавме потреба да се менуваме. Си рековме: Јас сум она што сум , ти си тоа што си . Ако јас ја сменам религијата поради тебе нема да бидам таа Лејла што ти ја познаваш.
Марино: Вистинска љубов, не е само она „те сакам “ туку и оној сериозен дел кога сфаќате дека покрај себе имате човек кој се вклопува со вас заедно. Тоа е едно чувство што ретко се опишува со зборови. Е со тој човек можам да живеам. Автоматски сите граници и пречки исчезнуваат. Нашата тајна свадба на пример ја направивме без ништо. Позајмивме облека од свои пријатели и другари. И тоа не го осетивме како товар, туку дека така требало да биде. Не беа подготвени ниту нашите родители, се тргнавме од градов, бидејќи знаевме дека во тој момент со разговор меѓу родителите нема да го постигнеме тоа што го сакаме. И се одлучивме за бегство.
БЕВМЕ СИГУРНИ ЕДЕН ВО ДРУГ

Забранетата љубов ги здружи родителите од двете страни, со намера Лејла и Марино да ја прекинат својата врска. Но Лејла и Марино решаваат да се заедно. Лејла е бегалка ...
Лејла: Откако одлучивме дека треба да сме заедно, дојде тој ден кога Марино и призна на мајка ми дека ние сме заедно. Тоа беше шок за мене. Не очекував, мислев дека уште некое време ќе бидеме во тајност. Веројатно се плашев и од самиот чин ... Постои страв од неизвесноста, дали ние ќе успееме во Охрид. Имаше примери кога и нашите најблиски пријатели не веруваа во нас. Ни даваа надеж и поддршка и ни велеа супер сте, ама длабоко во нив не веруваа дека ќе успееме. Мислеа дека кога – тогаш тоа ќе пукне.Тој ден во летото 1995 кога Марино призна, оттогаш започнаа нашите маки. Повеќе моите, отколку неговите морам да признам. Тој си го кажа својот став и сега само можеше врз мене да се влијае И тоа од двете страни. Нашите родители се познаваа и почитуваа. Но,по тоа прашање беа исто пријатели.Тие се здружија против нас.
Марино: Немаа против дека постои можност да се оствари љубовта меѓу двајца. Советот од нивна страна беше дека таквите врски обично не успеваат, поради предрасудите од верата, религијата и слично.
Лејла: Тие тоа ни го зборуваа со добра намера. Никој родител не му мисли лошо на своите деца.
Марино: Немавме критички осврт во тој момент. Ги разбиравме, веројатно утре и јас за моите деца ќе заземам некој став. Но, тогаш не гледавме проблем или предрасуда. Јас отворено кажав дека за Лејла сум заинтересиран сериозно. Добив добронамерен родителски совет: „За жал Марино тие работи не одат така“.ОК реков: Јас ќе продлжам на свој, а вие на ваш начин. Дали ме разбраа сериозно или не, не знам . Ама знам дека контролата врз Лејла после тоа беше зголемена. Кога има проблеми, тогаш јас добро пливам. Таков човек сум, признавам. Одев натаму не од гордост или инает, туку осетив дека личноста во која што се вљубив и можам да живеам е токму таа. Имав искуство и можев да споредувам која ми одговара која не. Едноставно осетив и одлучив да не се откажуваме. Кај Лејла беше потешко, иако истиот совет и јас го добивав од моите родители. Сепак машко е машко. Ако не си сигурен во она што го правиш во животот ќе потклекниш на било кој совет од пријател, другар добронамерен или злонамерен. Најважно беше што обајцата бевме сигурни еден во друг. Е што ќе биде во иднина никој не може да знае. Има многу двојки кои како нас започнале со силни емоции, но животот им покажал други патишта.
По драмата , комедија. Кое беше тајно место, каде го рековте судбинското – Да ?
Лејла: Се сеќавам на секој момент. Водев неколкумесечна напорна битка која што не можев повеќе да ја издржам. Додека ги подлажувавме дека не сме заедно се можеше некако. Но, од кога Марино призна, бев на отворено бојно поле и под голем притисок.
Капулети и Монтеки во охридска верзија. Џело и Гогови или ...
Лејла: Да, ама во овој случај тие беа заедно против нас. Така сиот тој товар беше на мојот грб.
Марино: Тие беа толку блиски што немаше сомнеж дека се слушаат едни со други и дека коваат планови против нас. Кога јас ќе излезев од дома, нејзините веќе знаеа дека сум излегол од зградата.И што можам, освен да ја барам Лејла.
Лејла: Се случи што се случи, решив да си одам од дома. Буквално бев бегалка Прво заминав кај едни пријатели и бидејќи тогаш немаше мобилни телефони го барав Марино на телефон и му реков: Јас заминав !
Марино: Ако продолжевме ко претходно тоа ќе се одвиваше бесконечно. Морам да признам дека женските сами од себе имаат поголема сила и се поодлучни за мигот. По тоа што го слушнав од неа и реков: „Седи таму каде што си, ќе дојдам,
ќе те земам.“ Оттогаш почна авантурата по Македонија!
Лејла: Ме зеде,ме однесе кај други пријатели и таму останав два дена. На почетокот тој беше во Охрид. Марино одеше на работа мене ме немаше никаде. Во тие моменти во мојот дом нормално беше драма. Каде е, што е , полиција, пријатели, роднини, врски. И бидејќи стануваше густо, моравме во Скопје. Бев во стан, некој да ме прашаше каде си и јас не ќе знаев да кажам, кај луѓе кои не ги познавав. Претходно тие ме зедоа од една друга локација, од еден друг стан. Плашејќи се од потерата која што тргна од Охрид составена од роднини и пријатели да ме најдат и вратат назад бев маскирана во трудница , со перика, со стомак и со широк фустан...
Марино: Останав во Охрид. Ја тргнав настрана за да се смират страстите. Едноставно, еве сум тука. Ако треба да се решава некој проблем со мене да седнеме да разговараме. Разговор сите на купче не ќе изродеше позитивен ефект, ќе беше хаос. Ние со Лејла го предвидовме тоа. Останав во Охрид бидејќи бев подготвен дали со моите или со нејзините родители да ги расчистиме работите. Нашата работа е зрела. Што имавме да си кажеме си кажавме и ако сакаме да си докажеме јас сум тука, како повозрасен и поискусен од Лејла. Немаше потреба да бегам. Околностите беа такви што едноставно ние моравме да ја забрзаме целата работа. Кога веќе сме избегале немаше враќање, решивме да се регистрираме во Скопје. Но и тука имаше надмудрување со родителите и нивните врски. Требаше претходно да земе потврдата од брачно советувалиште. Имавме чувство дека од секаде не демнат. И тајно мораше да биде се.
Лејла : Се сеќавам дека автомобилот со кој ме носеа од еден во друг стан беше без регистрација, како на филм. Случајно некој да не ме препознае и да ме врати назад дома во Охрид. Беше вклучена цела полиција, дури до началникот.Морав и пред адвокатот Драган Гоџо да дадам изјава во која тврдев дека не сум киднапирана, дрогирана и дека при сопствена свест сум заминала со Марино.
Марино: Не ми издаваа извод по што го ангажиравме адвокатот Драган Гоџо кој како пријател и професионалец ми помогна. Извод се издава во еден ден,ама нас не. И за да не дојде до нешто несакано не застапуваше,бидејќи ќе излезеше на крај дека Лејла сум ја зел со сила. И дојде денот „Д“ позајмив костум од еден мој другар од факултет Драган Танаскоски. Морам да ги споменам Милчо и Кони Трендафилови ( Нанче), Џули и Тони Станиќ како и нашите сегашни кумови Сашо и Гордана Љушевски, тие ни беа блиски и ни дадоа се од себе во миговите кога ни беше најтешко. Закажавме термин во општина Центар во Скопје на четврти јули. Како доказ, имаме преубави фотографии. Во една кафетерија импровизиравме честитање, се напивме и си посакавме многу среќа. Вечерта журка кај пријателите и потоа на меден месец на Попова Шапка.
Лејла: Претходно Марино го прати венчалниот лист по телефакс и кај моите и кај неговите родители. Одењето на Попова Шапка беше наше бегство од другите. Да се смират тие,а и ние малку да се видиме каде сме , што сме. Јас се стопив на само четриесет и два килограми. Тогаш, живеев само од љубов .
Марино: На Попова Шапка нашиот пријател Милчо Нанче имаше викендица и заминавме. Се сеќавам имавме една моторола од првите во тоа време. И велам на Лејла – што ќе правиме ако тргнат по нас, до овде води еден пат, каде натаму. Бидејќи бевме сами во вилата, стресот беше изразен посебно навечер. Секое возило кое што ќе светнеше ни се чинеше дека ќе има врска со нашето бегство. Бев во комуникација со моите родители и кога сметав дека е време им реков: работата е готова и тие ми рекоа – „ Нека ви е со среќа и ве очекуваме дома“
Автор: Милчо Јованоски
Продолжението објавено во Охрид Магазин во број 4 , на Ohrid1.com ќе го објавиме наредниот викенд.
Tags: