Вторник, 31 Август 2010 21:23
На 20 август, годинава се навршија 10 години од прераната смрт на познатиот македонски репродуктивен уметник Благој Ангеловски кој целиот професионален живот му го предаде на инструментот труба. Ангеловски е роден во Битола 1947 година . Дипломирал на ФМУ во Белград - 1971 година , а специјализира во Париз , во класата на прочуениот фрнацуски трубач и педагог Морис Андре. Во 1979 година ја посетувал и Интернационалната летна академија на познатиот професор Пјер Тибо во Ница.
Станува прва труба на Симфонискиот оркестар на Радио- телевизија Белград каде работи се до 1993, потоа се до смртта живее на релација Охрид - Скопје и работи како професор на Факултетот за музичка уметност во Скопје.Музичката критика го памети како виртуозен репродуктивец на класичната музика, преку џезот до забавната и поп- музиката . Имал над 1000 концерти по цела поранешна Југославија,како и во повеќе европски држави.Добитник е на повеќе награди, а зад себе оставил и пет ЛП плочи и 4 аудио касети. Тој е автор на пет книги меѓу кои и прирачникот за труба „Вокали за изедначување на целиот регистара на трубите " и „Учебникот за брзо учење труба " како и „Исклучителна техника на труба ". Благој Ангеловски беше исклучителен човек целосно посветен на професијата. Определен да работи како педагог , солист и научен работник .Под негово раководство се одржувале семинари и концерти во Белград,Сараево, Софија , Пловдив, Скопје,Битола, Прилеп,Тетово , Куманово, Кавадарци и Струмица.За првпат на Охридско лето во 1998 беше раководител на семинарот за труба и тромбон , кој кулминираше со успешен концерт во рамките на Охридско лето., на кој Ангеловски диригираше со октет од четири труби и четири тромбони. Интернационалниот семинар за труба и тромбон на Охридско лето беше во соработка со професорот по тромбон Димитар Момчилов од Софиската музичка академија.Основоположник е на Интернационалниот натпревар по труба во Република Македонија што постоеше од 1985 година.На музичките натпревари со своите ученици и студенти има добиено над 60 награди на домашни и меѓународни натпревари. Неговите ученци се активни во музичкиот живот во Македонија и странство. Во 1998 година го одржа и Интернационалниот семинар за труба и тромбон на Охридско лето во соработка со професорот по тромбон Димитар Момчилов од Софиската музичка академија .Ненадејната смрт го скрати неговиот ентузијазам и само ден - два пред финалето на уште еден охридски интернационален семинар по труба, го понесе во рајските градини, кадешто сигурно и сега и таму „дише од и за музиката".Ќе останат забележани насловите и критиките дадени од реномираните критичари во престижните весници и списанија : „ Магичен звук на трубата ",Виртуоз на труба ", Фантастичен солист на труба ".Потписникот на овие редови последните години имаше чести професионални средби и интервјуа со сега за жал покојниот Ангеловски меѓу кои и последното не емитувано интервју снимено за Македонската телевизија ден пред неговата смрт.Годините минуваат,ама делата остануваат, нашиот веб- портал го направи овој омаж во сеќавање на професионалецот - музичар , кој се лутеше ако некој го наречеше трубач. Овие редови се напишани и со надеж дека некој во Македонија ќе се нафати да го истражи, селектира, преобјави и заштити неговото богато музичко творештво. Благој Ангеловски виртуозот на труба тоа го заслужува. Професоре Ангеловски - почивајте во мир.
Милчо Јованоски
Tags: