
Понеделник, 23 Јануари 2012 20:24
Објавено во Охрид Магазин во Ноември 2011
НА СТРАНА НА УСПЕШНИТЕ ....
Поликлниката Кардиолаб „Маџаров “

Од пред нецели две години Охрид и регионот ја добија првата приватна поликлиника предводена од искусниот доктор Светослав Маџаров. Тој и неговиот тим се водат од мотото : „Медицина базирана на докази “ За долг и здрав живот најважна е превенцијата , вели д-р Маџаров.
- Од каде идејата да се „роди“ поликлиниката „Маџаров“? Дали таа е плод на вашето долгогодишно искуство во здравството?!
Во медицината веќе имам 20 години стаж. Моите почетоци како лекар беа во Словачка во познатата Дерерова болница во Братислава, каде што ја завршив специјализацијата по интерна медицина . Се вратив во Општата болница во Охрид и две години потоа се вработив во Кардиолошкиот завод во Охрид . Таму останав цели 15 години, субспецијализирав кардиологија во Скопје и од пред две години сум свој на своето во Поликлиниката „Маџаров “ Целта ни беше на едно место да дадеме повеќе здравстевни услуги од повеже дејности.
Кога се почнува нов бизнис потребни се предизвик и храброст. Имавте ли дилеми ?
Идејата беше дамнешна .Висеше дилемата и токму одлуката падна во мигот кога почна светската економска криза .Но , веќе бевме влезени во инвестиција . Отидовме во Дизелдорф – Германија на Саем за медицина , најдобар во Европа. Набавивме нова најсовремена опрема и немаше веќе враќање назад.Во нашите квалитети не се сомвеваме , размислувавме само како ќе бидеме прифатени од пациентите и јавноста .Ете, отвориме на 7 април минатата година и една и пол година сме во функција на лицата кои ни го доверуваат нивното здравје.
Зборувате во множина. Имате ли некој кој што го препозна вашиот професионализам ?
Основачи сме двајца .Медицинскиот тим го водам јас. Некој купуваат автомобили и станови ние двајцата се што сме заштедиле дваесет години наназад го вложивме во Поликлиниката . Со надеж дека ќе успееме да понудиме здравствени услуги на највисоко ниво . Оттука и мотото на Кардиолаб „Маџаров “ е : „ медицина базирана на докази “ и по тој принцип работиме.
Статистиката вели дека срцевите заболувања се водечки и во Македонија. Каква услуга им нудите на пациентите во овој поглед?
За жал така е . Светската здравствена организација вели дека тие се причина број еден за смрт кај луѓето. Кај нас во Македонија и Охрид овие заболувања се движат на европско ниво. Во поликлиникава, пациентите ги чека најсовремена неинвазивна дијагностика на срцевите заболувања. Коронарен стрес – тест, колор доплер, ехо – кардиограф со можност за снимање на срцевите залистоци и одредување на срцевата сила . Со помош на биохемиската лабораторија на пациентите им поставуваме холтери за притисок и ритам на срцето. Се што е трендовско во светот го поседуваме .Од први април , потпишавме догвор со Фондот за здравство и работиме со сини картони.
Поседувате и опрема за дијагностика на крвните садови .
Да, со најсовремени методи ги прегледуваме артериите и вените на рацете и нозете кај луѓето. Ја користиме ехо – дијагностичката метода и ултразвукот . Така го дијагностираме протокот на крвта низ крвните садови и точно одредуваме каде има стеснување, каде има затнување на артериите или тромбоза ... Тоа ни е од голема помош при одредување на дијагнозата и терапијата.

Ги третирате и мозочните удари .
Со гордост можам да кажам дека поседуваме сонда за дијагностика на мозочните крвни садови и на крвните садови кои ја „хранат “ главата со крв. Без зрачење,без бушење , речено народски и без користење контрастни средства ги одредуваме промените. Досега, за жал дури и кај млади луѓе имаме дијагностицирано проширување на мозочните крвни садови, кои доколку не се откријат навреме исходот е доста фатален Сме ги откриле и препратиле во Скопје. Со прегледот и интервенцијата сме спасиле живот.
Што доведува до овие заболувања ?
Причините за заболување на крвните садови се различни . Прво се генските предиспозиции, а најзастапени се : високиот крвен притисок, пушењето, дебелината, физичката неактивност и стресот
Систематските прегледи ја откриваат состојбата на организмот.
Во нашава поликлиника функционира и ординацијата по медицина на трудот. Ние сме единствена ПЗО која сме овластена за вршење на систематски прегледи. Работодавците во зависност од дејноста во која делуваат избираат модел на систематски прегледи за сите вработени .Законот предвидува систематски прегледи еднаш на 12 или 18 месеци во зависност од тежината на работата и шансите од професионално заболување.. Можеби е финансиски товар плус за работодавците, но цената е далеку пониска од некоја несакана несреќа или болест на некој вработен.
Медицината „граби“ напред. Биохемијата е област во која се постигнуваат зачудувачки резултати.
Нашата лабораторија користи најсовремена германска апаратура и реагенси. Опремата е прецизна до четири децимали. Гарантираме за точноста на резултатите кои излегуваат од нашата биохемија. Не смее да фали ниту една децимала во анализата на крвта и урината.
Пациентите имаат можност и за избор на матичен лекар кај Вас .
На почетокот не планиравме да имаме матичен лекар. Но искуството и барањата на пациентите да не се шетаат од врата до врата го наложи тоа. За една година имаме завидна бројка од пациенти кои се определија за нашиот општ лекар.

Колку луѓе ја опслужуваат кардиолаб „Маџаров “ ?
Моментално се десеттина. За натаму ќе видиме. Немаме големи апетити се оставаме на времето. Ёза нас најважно е пациентите да се задоволни од услугата.
Како тим претпоставувам ги следите брзите промени и напредокот во медицината ?
Кога дипломиравме и бевме млади мислевме дека се завршило. Сега би им открил на младите дека тогаш е вистинскиот почеток.Практична едукација започнува по дипломирањето. Еден човек, посебно доктор ако сака да биде успешен мора да ја прифати доживотната едукација.
Воркохолик сте? Дваесет и четири часа или ....
Работам од утро до вечер. Кога има потреба мора да сме достапни 24 часа.
Се дружат ли охридските лекари. Суетни се или не ?
Во секоја професија постои до одредена мерка и суета. Сепак мислам дека многу добро соработуваме меѓу нас најчесто преку Здружението на лекари – Охрид , но и контактираме и често одредени случаи колегијално ги решаваме и се консултираме разменуваме искуства и сознанија. Како фела добро се држиме и мислам дека така ќе биде и во иднина.
Останува време за хоби .
Да, ( ха, ха, ха, ха ) . Ја сакам природата. Порано често одев на лов . Морам да признам сега многу поретко .
Заради ловечките приказни ....
Нема ништо поубаво од нив. Ако има виситна само 10 до 15 проценти , се друго е со фил . Сега практикувам пешачење во друштво и слушање музика за релаксација. Така и во поликлиниката кој што ќе дојде ќе слушне музика . сакавме да ја надминеме монотонијата на белите ѕидови . Влегуваш и одеднаш стрес. Кај нас не е така. Внимававме на ентериерот и ја вклопивме тивката музика. Верувам делува релаксирачко врз сите.
Семеен човек .
Да. Со две големи деца со кои сега сме вистински другари. Ќерката е втора година на фармација, одличен студент. Летово беше дел од нашиот тим, помагаше и учеше.Синот е втора година во гимназија и се надевам дека ќе покаже афинитети кон оваа струка.
Разговараше : Милчо Јованоски