fbfunbanner
ohridmagazinbaner
Посети:: 1273

Никола Тодороски – актер, стенд ап комичар

И ние актерите сме луѓе...   

Објавено во Охрид Магазин во ноември 2011

 nikola

Тој е млад, амбициозен со желба да игра во дела од Шекспир, Чехов, Бекет. Го отфрла клишето дека ако си актер или си курва или пијаница. Во реалноста се труди да не глуми многу . Плашиците му се омилено мезе, а во ексклузивното интервју за „Охрид Магазин “ открива дека не е тремаџија.

-       За оние што не те знаат. Кој е Никола Тодороски?

-       Охриѓанец. Син на Димитриј и Даница. Шегаџија од мал. Кога ме донесле прв пат кај мајка ми од кога сум се родил, помислила дека сум без една нога. Лошо сум ја свиткал во коленото кога ме повивале. Кога ме отповила мајка ми видела дека се две ама едната била до колена во го..а. Веројатно тоа е супер позиција од старт да се развиваш како комичар.  Хуморот и иронијата ни се семејна традиција. Инаку од нашето пошироко семејство јас сум единствен што се занимава со уметност. Дел сум од ансамблот на Охридскиот народен театар. Пресреќен сум што нешто такво конечно му се случи на Охрид. И омилено мезе ми се плашици.

-       Предодреден за актер или тоа дојде подоцна?

-       Не знам дали сум бил предодреден, немаше никој од семејството што се занимавал со нешто слично за да ми каже дека сум предодреден. Како мал најблиската поткрепа што сум ја добил а има допирна точка со глума е што тетин ми ме викаше Дракула, зошто млечните заби ми беа скапани од кариес. После во основно ми се јави првата посилна желба да се занимавам со глума. Кога го замолив наставникот по македонски (нема да спомнам кој) да ме прими во претставата „Чорбаџи Теодос“, рече дека можат да учествуваат само тие што се зачленети во литературна секција. Се чувствував глупаво. Потоа слушна од други дека има нешто во мене и ме прими. Тоа беа почетоците како актер во тандем со Стрезо Стаматовски со кого сеуште сме заедно на сцена.

-       Кога ќе се сетиш на студирањето. Што останало? Што си мразел и што си сакал?

-       Тоа беа бурни години. Кога отидов на студии во Софија ми требаше време да се адаптирам. Со колегите од Бугарија се дружевме и се уште одржуваме контакти. Имаше добра забава. Многу ни се смееја кога ќе ги помешавме акцентите во бугарскиот. Јас пак умирав од смеење на зборот ГАЏЕ-на бугарски значи момче или девојка. Мене ми звучеше како гаџет-направа. Она што ме вадеше од контакт е кога некој од страна, пријател на некој наш пријател ќе почнеше да дави со националните прашања и со нашиот идентитет. И интересна работа беше што секогаш кога ќе кажев дека сум од Охрид ги фаќаше некоја носталгија и секогаш велеја “как беше онази песен Охридското Езеро“- се мисли на „Лихнида кајче веслаше“. Еднаш се спомнува Охридското Езеро и сите Бугари по тоа ја паметат.

-       Како на онаа сентенца „И актерите се луѓе“ ....

-       Секако дека се. Клишето е дека ако си актер тогаш си курва или пијаница - со извинение. И дека најтешкиот дел од работата е да го научиш текстот. И ние сме луѓе што работат од девет до пет. Кога има претстава повторно од осум. И ние сме подложни на грип, настинка, несоница. И во овој момент сакам да го искористам прашањево да ги замолам соседите од спротивната зграда да бидат наутро малку потивки зошто и ние сме луѓе сакаме да одмориме.

-       Најде мирно пристаниште во Охридскиот театар. Можеби сега е полесно да се концентрираш и на условно други проекти или ?

-       Ангажманот во театар си бара свои жртви и никако не се согласувам дека се работи за пристаниште. Тоа е брод кој тазе заплови и целиот екипаж е ангажиран во пловидбата. Другите проекти ги работам паралелно и за сега имам доволно време  за да обрнам внимание на сите работни обврски и секако на семејството. Во секој случај работите што ги работам се слични помеѓу себе и ги гледам како едно. На тој начин внимавам да не сум растргнат на сто страни.

-       Комедија од нога или „Стенд ап“ Вежбаш пред огледало. Трошиш многу тетратки за да го создадеш сценариото или вистина е дека секој кој што се одлучил на овој вид театарски израз монологот го смислува на лице место?

-       Единствено место на кое што можеш да вежбаш стенд ап комедија е пред публика. Секако дека јас го создавам својот материјал и воопшто не е ниту брзо ниту лесно. Но единствено можеш да провериш дали функционира откако ќе се соочиш со публиката. Во тоа секако дека има импровизација, адаптација на материјалот, да пробаш нови нешта и тн. Но не постои такво нешто како сега излегувам и ќе бидам еден час смешен и се ти текнува во моментот. Тоа е исто како да купиш нончаки и да мислиш дека си Брус Ли. Премногу ќе е БОЛНО кога ќе разбериш дека не си.

-       Те инспирирала ли публиката од едеден, комедијата да ја заокружиш во друг правец – насока?

-       Сите стенд ап настапи што сум ги имал до сега се приказна сама за себе и се различни. Во тоа е убавината на овој жанр. Публиката е активен учесник. Секој барем малку влијае на атмосферата, а со тоа и врз мене како изведувач. Особено кога настапувам во клубовите. Тоа е како да си во боксерски ринг. Никогаш не знаеш како ќе биде до крај. Не е како во претстава. Публиката на претстава е таму некаде и си ја следи приказната. Ти стоиш зад некој лик и дејствуваш. Ова е поинаку затоа што пред се сум комплетен автор и сум лично поврзан со материјалот на повеќе нивоа. Кога ќе почувствуваш дека нешто не функционира нема поодвратно чувство за комичар. И верувајте дека си способен се да направиш за парчето да профункционира. Тоа е силата која те тера да возиш.

-       Млад актер што сонуваш да одиграш на сцена,а што во реалниот живот?

-       Ќеиф ми е да играм во текстови на Шекспир, Чехов, Јонеско, Бекет. Без разлика кој лик. Затоа што во такви дела има што да се работи, што да се игра и се интересни за правење. Се уште не е дојден моментот, но сметам дека за брзо ќе дојде. А во реалноста успех е ако покажеш свој став и имаш свои вредности. Се трудам да не глумам многу.

-       Тремаџија или си кул како што велат англичаните на сцена ?

-       Не би рекол дека сум тремаџија. Не само што не би рекол,туку не сум. Посебно од кога почнав да се занимавам со стенд ап комедија. Честите настапи на нестандарндни сцени ме исчеличија и се чувствувам уште подобро и посигурно на сцената. Исто така и засиленото темпо на работа од кога се формира театарот во Охрид си придонесе.

-       Се сметаш за популарен те препознаваат ли веќе на улица , особено по комедиите од нога или ИДИОТЕКАТА на веб – порталот „Охрид Њуз“ ?

-       Ме препознаваат по она што го работам. ИДИОТЕКА има големо влијание во тоа. Секако тука е поддршката на „Охрид Њуз“. Сметам дека динамиката на популарност во Македонија, затоа што е мала држава, се менува од ден во ден. Денес си топ популарен утре излегол нов прашак за перење и паднал рејтингот. Сакам да кажам дека треба подолго време да се работи и да се развива она што го работиш за да остави некаков траен печат. Инаку е само сезонско овошје. Со ИДИОТЕКА ја имам ексклузивната можност да создавам нешто што е лично мое, кое изразува мои лични ставови и да немам креативни притисоци. Затоа го избрав интернетот како медиум.

-       Времето е релативна категорија. Се сметаш за среќен човек ?

-       Да.

-       Има ли нешто што последниве денови те насмеало или растажило.

-       Ме насмеа една фраза што случајно ја слушнав во еден ресторан. Еден тип зборуваше по телефон и вика:“ Шо прам? Ништо барам пиштол да купам на црно и се спремам да ви поминам ! ... Едвај издржав да не пукнам од смеење. Пред него.     

-       На матичната сцена – нов проект . Што играш слуга или цар?

-       Се работи за претстава која се базира на македонски народни песни. Екипата на „Охридски народен театар“ заедно со режисерот Андреј Цветановски и костимографката Кристина Мукоска се комплетни автори на проектот. Ќе играм повеќе улоги сеуште сме во процес на работа и ова е се што можам да кажам за сега. Повеќе на прес конференцијата за претставата која ќе биде наскоро.

-       Условно ако веруваш во Дедо Мраз што би му порачал за Нова година 

-       Би му порачал побрзо да го убие Полат Алендар зошто децата се повеќе него го сакаат!

 

Милчо Јованоски

 

Tags:

Реклама

ohrid1-maturski-maj-2012
ljotebaner
premier
digitalfotovesna
banerviasacra
banerpandonos
vinoteka
akvariusbaner
pecatnica-kosta
alta-centar
banerohridinfo
banerstanovi
streedmedia
fitform
________________________________
       
         ШОТОКАН КАРАТЕ КЛУБ
           БЕЗБЕДНОСТ МИНТА
       УПИС НА НОВИ ЧЛЕНОВИ
              ТЕЛ: 075 211 953
________________________________