
Да не е ова смешно ќе е жално. Истовремено додека Дејан Паноски по медиумите го бараше ова од градоначалникот и кажуваше дека со милионот кој Охрид ќе и го подарел на Владата, таа ќе ни направела театар, А1 телевизијата која е ноќна мора за власта и конкурентските телевизии објави дека во театарот во Скопје ќе се редело злато по таваните , лустри од кристал и мебел и така позлатен театарот во Скопје ќе достигне баснословна цифра од над 25 милиони евра.
Но за Скопје не се троши само на златни тавани и златна декорација, таму се дадоа и 50 милиони евра за споменици лиени во бронза и уште неброени пари за објектите кои Владата и ги подари на Општина Центар во Скопје.
Но чии се тие стотици милиони евра кои Владата ги подари на Скопје ? Чии се тие пари со кои ќе се позлатуваат таваните во театарот во Скопје ? Тие пари се наши на даночните обврзници од Македонија кои плаќаат данок, а тој е ист и за тие во Скопје и за нас во Охрид, но предноста е во централизираната и крајно исполитизирана држава која ги цица општините и парите на крај ги вложува во тавани од злато за театарот во Скопје, а од Охрид и неговите граѓани кои од своите пари го финансираат и златото во Скопје, сега бара да и дадат на Владата да гради во Охрид без да плати комуналии за своите проекти и со тоа да му скрати на Охрид уште еден и пол милиони евра.
Зошто реков уште еден и пол милиони евра ? Па нека се сетат граѓаните дека годинава Владата веќе му скрати на Охрид толку пари во образованието и во патиштата. Ако заборавиле оние кои сега го пропагираат и ова кратење дека за годинава Владата на Охрид само во дотациите за фондовите за образованието и за санација и одржување на патишта му скрати околу 1 милион евра и тие пари ги пренасочи во други општини од источна Македонија каде владеат подобни градоначалници, а сега бара на Охрид да му скрати уште 1 и пол милиони евра што за годинава би дошло дека Владата на Охрид му зела 2 500 000 евра, а на Скопје само за позлатениот театар му дала 25 000 000 евра, десет пати повеќе од тоа што на Охрид му го зела.
А каков е проектот за Плаошник ? Во институциите во Охрид не знаат бидејќи проектот сеуште не е доставен до нив, а во јавноста циркулираат два проекти. Едниот онај кој го презентира премиерот, а другиот кој деновиве се појави на некои провладини медиуми, каде црквата се гледа обвиена во ултрамодерни зданија изградени од стакло, плексан и метал.
Дали Владата која бара да и прости Охрид комуналии од 1 500 000 евра во Охрид ќе гради објекти од плекси глас ефтин кичерај, за во Скопје да гради позлатен театар со орнаментика од злато која во денешно време исто така се третира за кич ?
Кич си е кич, дали бил од плексан за во Охрид или од злато за во Скопје.
Пишува : Љупчо Таневски
ДОДЕКА СКОПЈЕ СЕ ПОЗЛАТУВА ОХРИД ЌЕ СЕ ПЛАСТИФИЦИРА ? !
