Заврши самитот на НАТО во Лисабон, а ние повторно останавме надвор , пред вратата на сојузот за каде сонуваме да влеземе последниве 20 години.
И тука надвор сега повторно почнавме да се жалиме самите себеси, да лелекаме како неправди се истураат над нас и како сите се собрале против нас.
Повторно нашите лидери се жалат пред јавноста дека Грција ни е крива, а ние кутрите сме жална жртва на старомодната политика и примитивен национализам на Грција.
И пак кај нас во Македонија се е некако жално. Од жално пожално.
Жално делуваше претседателот наш кога слегуваше од авиончето на аеродромот во Лисабон. Телевизиите ко за бакзус прво го прикажаа Обама на црвениот тепих како слегува по скалите од авионот, а потоа нашиот како ја прескокна скалата на авиончето и зачекори сам на црвениот тепих во жално издание.
Жал ми падна и кога го видов премиерот како го гушка борчето и сади дрвца, а не е во Лисабон. Тогаш ми падна и за него жал, но и за нас сите.
Жал ми е и за Бранко што е навлечен на политика,и само се жали, а требаше фино лепо да тргне да патува по светот и да ужива во тоа што го стекнал.
Жално е како една новинарка од ерата на комунизмот гостувајќи во едно шоу изнесува тврдења дека ние сме народ од потонат контитент во Тихи Океан кој се преселил овде пред повеќе од 250 000 години, а веројатно после нас Македонците настанале амебите.
За жалење е кога ќе видиме како соседните земји бројат милијарди долари инвестиции , а ние гревчиња годинава едвај сме набројале нешто над 60 милиони евра.
Жално е кога од соседните земји се поминува граница и се влегува во Македонија, бидејќи одма се чувствува голем јаз во развојот, па ако влегувате од Албанија ( која е едно огромно градилиште ) во Македонија се добива впечаток како да влегуате во земја во која се заспало и застанало, а ако влегувате од Грција ќе почувствувате како да влегувате во територија од пред 100 години. А да не зборувам ако слетате од било каде во светот на Александар Велики. Тоа е посебно доживување. Жално за нас , за греота.
Жално е како нашата земја дотурка до прво место во невработеност на целата планета, и жално е тоа што имаме најниски плати во Европа.
Жално е и тоа како Владата фантазира за некакви нејзини успеси пред се во економијата која е на колена,а народот е беден и по сите параметри еден од нај несреќните во светот.
Уште пожално е кога ќе ја погледнеме опозицијата која сака да ја смени оваа Влада... .Пардон, тоа не е само жално, тоа е за за ронење солзи, тажење и кукање на цел глас.
Жално е да се видат сточарите, тутунарите, земјоделците . . . .бидејќи и тие 20 години лелекаат бидејќи кој стигна им се качи . . . .
Жално е да се видат болниците, патиштата, инфраструктурата,. . . .Телевизиите, училиштата, експертите, научниците, политичарите...
Се е некако од жално пожално.
Па затоа мислам дека е време за разумен компромис со Грција и додавка во нашето име која нај прецизно ќе ни ја опише состојбата во нашата држава и ќе даде нај прецизен опис на нас самите и нашата земја.
Нај разумно е да сватиме колку сме за греота и колку е жално што се жалиме над себе цели 20 години.....
Ни северна, ни јужна ни источна. . .Ни демократска, ни народна, ни шарена. . .ни ваква ни таква . . .
Што мислите за Република Жална Македонија . . . . .. .