Сабота, 04 Февруари 2012 21:00
44 - годишниот Мирсад Исакоски од Подгорци од денеска го започна својот втор живот. Четири дена преживеа завеан во 2 ,5 метри снег на Јабланица на 1.600 метри надморска височина. Заминал во вторникот во својата викендичка, 7 км над Подгорци, а го извлекоа дури синоќа. Не претпоставувал какво невреме се спрема, снегот во средата утрото му ги прекрил прозорите од куќата. Вели, со смртта се соочил неколку пати, борејќи се со снегот и студот и молејќи го Бога да добие сигнал на мобилниот телефон, за да повика помош. За 8 часа успеал да мине само 800 метри.
„Снег имаше премногу. Има грмушки покриени со снег, кога ќе потонеш во нив и гледаш горе само отвор, некаде околу 2,5 метри снег. Како да излезеш сега од тој снег, пушти ја раката и влечи се нагоре. Некогаш се извлекував како со пливање во вода“, раскажува Мирсад Исакоски, човекот кој преживеа 4 дена завеан на Јабланица.
Таму каде што не можат да стигнат хеликоптерите поради магла, ниту специјалните спасителни тимови, помошта пристигна од локалното население, кое полно со храброст и смелост успеа да го совлада невремето. Со сопствени багери, лопати, моторни санки стотина подгорчани се упатија во спасувачка мисија на пријателот.
„Една екипа тргна од сто души. Се менуваа кој да отвора пат, како еден оди другиот зад него. Така одевме два часа. Пробивавме снег и едвај дојдовме до местото каде човекот беше заглавен“, вели Шабан Адемоски, жител на Подгорци.
Имал храна за црни денови, но бил потполно исцрпен од студот, со подмрзнати нозе пред губење на свеста. Мирсад навреме го извлекоа неговите сожители - херои.
„На секои три минутни ми ѕвонеа на телефон веќе кога добив сигнал за да не заспијам. Јас им кажав дека веќе ги користам последните сили од животот“, вели Исакоски.
Екипата на Канал 5 денеска во Подгорци стигна со помош на полицијата и мештаните, оти оваа убавина од бајките завеана во снегот ја заборавиле сите. Патот воопшто не го чисти ниту „Македонија пат“ , ниту општина Струга.
Село Подгорци брои 2.000 жители кои во зима се потполно отсечени од цивилизацијата, сами со сопствена механизација се обидуваат да го одржуваат патот.
„Заглавени сме и во случај на болест слободно ќе си умре човек. Јас сега ќе испратам еден апел до одговорните ако има одговорни да поводат сметка за населбите“, вели Адемоски.
Денеска во Подгорци со песна и радост се славеше вториот роденден на Мирсад кој изминативе четири денови минати на Јабланица и храбриот подвиг на подгорчани ќе ги памети вечно.
Соња Рилковска www.kanal5.com.mk
Tags: